Периодизација на тренажен процес

На иницијатива и во организација на Македонскиот Олимписки Комитет, во Септември 2019 година Мечувалечката Федерација на Северна Македонија ја испрати Билјана Кузмановска Николовска, основач и тренер на Мечувалечкиот клуб Ескрим Скопје на едукација во Олимпискиот тренинг центар во Колорадо Спрингс, САД. Анализирајќи ја состојбата во македонското мечување, беше донесена взаемна одлука тема на едукацијата и испитен проект да биде “Долгорочен развој на спортисти и периодизација во спортот”.

По враќањето од престојот во САД, Билјана почна со изработка и предложи план за имплементација во македонското мечување на проектот кој во Април оваа година треба да го брани во седиштето на Меѓународниот Олимписки Комитет во Лозана, Швајцарија.

 

Нејзиниот проект опфаќа и изработка на периодизација на тренажен процес на националната кадетска репрезентација за периодот Февруари – Април. Пред почетокот на примената на периодизацијата направени се контролни мерења и снимање на учесниците во проектот, извршено е психолошко тестирање на проширена група на мечувалци, направено е испитување на базичните знаења од оваа област на нашите тренери по мечување и одржани се две работилници за нивна едукација.

Следејќи го планот на Билјана, а со цел да се усогласи работењето на федерацијата со светските стандарди, излеговме од рамките на сопствениот кадар и ресурси и ангажиравме кондиционен тренер, Професор Назим Куртовиќ, кој работи со поголема група млади мечувалци на подобрување на нивната општа физичка состојба, снага, експлозивност и издржливост.

Модерниот пристап кон спортот подразбира примена на науката во спортот, а дел од неа е правилна исхрана и следење на одредени медицински параметри на спортистот. За таа цел организиравме предавање на тема правилна исхрана на спортистите на кое присуствуваа младите мечувалци со своите родители. Предавањето го одржа Др. Зоран Ханџиски, физиолог и специјалист по спортска медицина, наш еминентен експерт во оваа област.

Кадетите, учесници во овој проект ќе бидат упатени на комплетен спортско медицински преглед кој вклучува и испитување на интолеранција на храна со цел индивидуално прилагодување на исхраната за време на тренажниот процес и натпреварите. Планирано е ова понатака да се прошири на сите кандидати за националната селекција.

По одбраната на проектот, истиот ќе биде проширен со знаењата стекнати при престојот во САД, во него ќе бидат вклучени сознанијата од истражувањата на литературата користена за негова изработка и искуствата од неговата имплементација и ќе се публикува за да се сподели со останатите тренери. Паралелно со работењето на проектот, Билјана подготвува и брошура наменета за родителите на спортистите.

Ваков сериозен пристап кон спортот бара и сериозна финансиска поддршка. Патот и престојот во САД беа во организација на Македонскиот Олимписки Комитет, настапот на кадетската репрезентација на Европското првенство во Пореч, Хрватска беше делумно поддржан од Агенцијата за Млади и Спорт, но главен ослонец за реализација и имплементација на проектот на Билјана се средствата од финансирањето на спортот преку ваучер систем. Изразуваме благодарност до МОК, АМС и владата на Република Северна Македонија, кои ни овозможуваат предуслови мечувањето да го издигнеме на ниво кое ќе биде конкурентно во глобални рамки.